Основни поими

Водостој

Водостој означува ниво на вода на водотек, езеро, море, акумулација или подземна вода и се мери во метри (m) или во сантиметри (cm). Главно се означува со H (cm).

Мерењето на водостој преставува основен параметар во хидрологијата. Вообичаено е мерењето да се одвива на претходно одбрана локација или место т.н. хидролошка или водомерна станица, при што водостојот се мери во однос на некоја референтна точка (“нулта кота”) за која предходно геодетски е одредена надморската височина. За непосредно отчитување на водостојот се користат водомерни летви кои се поставуваат најчесто на брегот на реката за да од нив се отчитува водостојот релативно во однос на нултата кота.

Во случај на користење на автоматски механички (аналогни) или дигитални инструменти, водостојот директно се запишува на лимниграфска лента или дата логер кои трајно го регистрираат податокот. Кај механичките водомери мерењето на нивото се врши со помош на пловки и тегови, кои механички го движат перцето (моливот) и ги запишуваат аналогно промените на нивото на лимниграфски ленти сместени во заштитни кутии, додека кај дигиталните мерни инструменти се користат сензори на притисок, радари, камери и други софистицирани инструменти. Записот со овие инструменти е дигитален и го олеснува преносот на податокот преку инструменти за трансмисија (пренос).


Протек

Протекот претставува количина на вода која протекува низ некоја површина во единица време. Во хидрометријата протекот најчесто се изразува во метри кубни во секунда (m3/s), или во литри во секунда (l/s). Означувањето на протекот е со Q (m3/s).

Протекот е изведена големина која како таква најчесто се определува индиректно – со мерење на брзината на протекот на водата и површината на протечниот пресек:

Q = A*V m3/s

    • A – површина на протечниот пресек (m2)
    • V – средна брзина (m/s)

За мерење на брзината на водата се користат различни видови на инструменти – од класични хидрометриски крила до софистицирани ултразвучни и електромагнетни апарати. Површината на протечниот профил се одредува со едностовно сондирање на протечниот пресек на одредени растојанија во зависност од ширината на водотекот или пак со геодетско или нивелманско снимање на конфигурацијата на теренот. Најновите ADCP инструменти (Acoustic Doppler Current Profiler), со поминување низ пресекот директно ја мерат длабочината и широчината на пресекот при што автоматски се добива површината на протечниот пресек. Овие инструменти се базирани на Доплеровиот принцип, при што со испуштање на сигнал ја мерат брзината на движење на честичките во водата, при што ја определуваат брзината на текот на водата. На крај на мерењетопо определување на средната брзина и поршината на пресекот се добива и резултатот, т.е. протекот на водата.


Ниво на подземна вода

Ниво на подземна вода претставува ниво на првиот аквифер кој е предмет на основниот хидролошки мониторинг. Тоа претставува водосотој на слободно водно огледало на Бунар или Пиезометар. Нивото на подземната вода се мери во (m), во сантиметри (cm) и во метри над море (m a.s.l.). Нивото на подземната вода се мери во однос на постојана „нулта кота“ која е или ивица на цевка или кота на терен. Нултата кота е одредена геодетски или се зема како одредена релативна вредност.

Мерењето на нивото на подземните води се изведува во пиезометриски мерни бунари или обични бунари. Нивото на подземните води може се мерат во однапред одредени термини и тоа секој 5, 10, 15, 20, 25 и последен ден од месецот, или трајно да се регистрираат со употреба на механички (аналогни) или дигитални инструменти за мерење на нивото на подземните води.

Во случај на користење на автоматски механички (аналогни) или дигитални инструменти, водостојот директно се запишува на лимниграфска лента или дата логер кои трајно го регистрираат податокот. Кај механичките водомери мерењето на нивото се врши со помош на пловки и тегови, кои механички го движат перцето (моливот) и ги запишуваат аналогно промените на нивото на лимниграфски ленти сместени во заштитни кутии, додека кај дигиталните мерни инструменти се користат сензори на притисок и други софистицирани инструменти. Записот со овие инструменти е дигитален и го олеснува преносот на податокот преку инструменти за трансмисија (пренос).


Температура на вода

Температурата на водата е мерка колку е топла или ладна водата. Се означува со T, а мерна единица е (°C) степен Целзиусов (Celsius). Со температурата на водата се карактеризираат топлинските појави и процеси во водата. Генерално површинските води во природата се загреваат од сончевите зраци и од окoлината, а подземните води ја преземаат температурата од подземните слоеви на почвата.

Во рамки на хидролошкиот мониторинг, на хидролошките станици за површински и подземни води се вршат и мерења на температурата на водата. Со помош на овие мерења се одредува температурата на водата главно во близина на мерното место и оваа температура е релативна.

Доколку мерењата се одвиваат со набљудувач, примерокот на вода се мери близу до брегот и хидролошката станица, и главно 30 cm под површината на водата, а доколку се мери со автоматски сензор, тогаш мерењето на температурата на водата се одвива во шахта, цевка или друг заштитен простор и на постојано ниво гледано од нултата кота. Мерењата со набљудувач се одвиваат секојдневно во 7:30 часот, а кај езерата во летниот период и во 14:30. Со автоматски инструмент мерењето е континуирано.