ул.Скупи бр.28, 1000 Скопје, Република Македонија
+389 2 3097-004
+389 2 3097-118

Хидролошки прогнози, база на податоци, студии и информации

Работни активности

Основни работни активности во рамки на одделението се:

    • работа со база на податоци
    • работење со јавувачкиот систем за информирање на јавноста за состојбата со реките и езерата
    • изработка на дневни, неделни и месечни информации
    • издавање информации за хидролошката состојба
    • изработка на прогнози за води
    • презентирање на хидролошки податоци на веб страна, активна во секое време
    • рана најава за појава на поплави и суши
    • следење на поплавни бранови
    • изработка на хидролошки основи и студии
    • изработка на хидролошки годишници

Секојдневно во Секторот хидрологија пристигнуваат податоци за водостои и температура на води. Сите овие податоци т.н. сирови податоци се складираат во основните хидролошки бази за подземни и површински води. Овие податоци се анализираат, контролираат и доколку има потреба се поправаат и како такви се внесуваат во хидролошките бази на податоци. Сегментот на контрола и складирање е заеднички процес во рамки на секторот, а одделението за хидролошки прогнози, база на податоци, студиии и информации ја има улогата за складирање и чување на податоците.

Основа на сите хидролошки работи се хидролошките податоци, без хидролошки податоци ниеден сегмент од секторот за хидрологија нема да може правилно да функционира, но неопходноста од менаџирањето со податоците, изработката на студии, давањето аларм и издавањето на хидролошки прогнози и информации е очигледно неопходно. Затоа паралелно со развивањето на мониторингот мора да се обрне внимание и на работата на овие сегменти.

Хидрометеоролошките служби со вршење на теренски активности, изработка на студии и елаборати оствруваат дополнителни средства. Вршењетото на овие активности се наплаќаат во зависност од објавениот ценовник на услуги. Остварените средства се влеваат во државниот буџет. Хидролошкиот сектор е ангажиран во изработка на податоци и информации, а за да може оваа дејност да функционира, секако е потребна добра екипираност и опременост. Покрај хидролошките податоци во овој сегмент се потребни и метеоролошки податоци кои треба да бидат лесно достапни за анализа било да станува збор за изработка на студии или за припрема на прогноза за заштита од поплави.

Улогата на хидрометеоролошките сервиси е да даваат рани најави и предупредувања за појава на метеоролошки и хидролошки опасности, како и соодветни информации и податоци, со цел подобра заштита и намалување на опасноста врз животите и здравјето на луѓето и намалување на штетите предизвикани од временските непогоди и невремиња. Со модерен и квалитетен систем за рана најава на временските непогоди и поплави се овозможува огромна подршка на Системот за управување со кризи во Република Македонија како и на другите компетентни сектори во раличните ресорни области. Сегментот за прогноза на водите тука игра голема улога и затоа како и секаде во светот потребна е добра екипираност со инженери хидролози и информатичари. Како би можело постојано да се анализира оваа проблематика од стручен аспект со пресметки и анализи. И во овој сегмент од хидрологијата е неопходна достапност како на хидролошки, така и на метеоролошки податоци и продукти, но и директни онлајн теренски податоци. Радарските центри со своите продукти и информации се неопходни за добра и сигурна прогноза и најава на поплавни бранови, овие центри треба да се екипирани и добро опремени и да функционираат 24/7. Навременото добивање на информации од терен претставува огромна помош на сегментот за хидролошки прогнози. Со модернизирање на хидролошкиот, метеролошкиот и радарскиот мониторинг, во заемна спрега, ќе може точно да се предвидуваат појавата на поплавите. Радарскиот ситем со пресметувањето и прогнозата на врнежи ќе ја олесни работата на хидролозите. Нашиот радарски систем треба да се вклучи во Европскиот Радарски Ситем – ОПЕРА. Комплетниот Радарски систем, во овој случај ќе игра улога за детектирање колкава количини на вода би паднала во сливот, метеоролошките дождомери би ја измериле и дополнително потврдиле точноста колку вода паднала во одредени сливни подрачја, а хидролошките станици би ја измериле водата која поминува низ речниот профил. За добра и навремена најава на поплави треба сите возводни станици да бидат опремени со онлајн инструменти. Неопходно е поставување на нови метеоролошки и хидролошки станици на повисоките планински места, во повисоките делови од сливовите. На овој начин сите хидролошки модели, стариот графо-аналитички модел и новите кои се очекуваат да се имплементираат, ќе овозможат добра прогноза на поплави. Со заедничка работа на трите сегмента во УХМР, целосно ќе биде остварена задачата што ја има УХМР за рана најава на поплави.

Хидролошката база на податоци е сегмент кој е фактор што служи да ја олесни работата на сите останати сегменти во хидрологијата, а за да може ова да се оствари покрај добра екипираност треба и добра опрема. Во светската хидрологија постојат неколку основни хидролошки пакети кои го покриваат овој сегмент. Во зависност од вложените средствата зависи и квалитетот на работата. Колку повеќе се вложи и се вложува, толку подобро може овој сегмент и хидролошкиот сектор да одговори на предизвиците.

За олеснување на работата во хидрологијата се користат разни видови на софтвери. Еден од нив е HydroPro со чија помош во УХМР беа изработени Хидролошкиот Годишник за 2002 и 2003 година.

Со овој софтверски пакет би можело да се извршуваат следните тековни работи во хидрологијата:

    • прием на хидролошки податоци од автоматски станици, набљудувачи и лимниграфи
    • прием на историски податоци
    • дигитализирање на скенирани лимниграфски ленти (траки)
    • прием на карти од сливни подрачја
    • обработка и корекција на сирови податоци
    • внес на податоци за изработување на криви
    • презентирање на податоци преку графикони
    • изработка на линии на траење
    • изработка на пдф фајлови за хидролошки годишници

Можностите на софтверскиот пакет HydroPro се големи, а за продолжување на работата на овој софтеврски пакет потребни се постојани финансиски средства за лиценци и постојана екипираност со стручен кадар.

Во УХМР и хидролошкиот сектор во 2018 година е имплементиран MCH пакетот за управување и складирање на хидролошки, метеоролошки и климатолошки податоци. MCH Базата на податоци е донација од СМО. Се настојува овој систем за база и управување со податоци редовно да се користи во Секторот хидрологија при УХМР.

Во секторот хидрологија има голема потреба од карти и ГИС продукти, за таа намена до скоро се користеше ArcGIS, а во моментов се работи со Q-GIS. При работа во секторот за хидрологија се користат и други софтверски пакети: Windows, MS Office, Adobe и други, а за исцртување на речни профили неопходно е користење на AutoCAD. Во секторот се користат и DEMAS, DEMASOle, DEMASConfig и Internetmodule за прием на податоците од автоматски станици, нивна контрола и презентација на Интернет.

Со проектот Рана најава на поплави, кој е помогнат од ГИЗ, се работи на софтверски пакет за моделирање на поплави во сливот на р.Дрим, а преку овој проект, УХМР заедно со Хидрометеоролошките служби од регионот е дел од системот за прогноза на поплави во сливот на реките Дрим и Бојана (DDBB-FFS) при што се користи Panta Rhei моделот изработен од Техничкиот Универзитет во Брауншвиг – Германија.

За подобра искористеност и управување со хидролошките пакети, неопходно е вработување на хидролошки стручни лица, но и експерти од информатиката. Тие со заемна соработка и помош од искусни кадри од секторот би требало да работат во решавање на проблемите врзани со хидрологијата, прогнозата на водите (суши и поплави), заштитата на податоците како и презентирање и информирање на јавноста.

 

Сектор Хидрологија при УХМР