ул.Скупи бр.28, 1000 Скопје, Република Македонија
+389 2 3097-004
+389 2 3097-118

Хидрологија на подземни води

Набљудувања и мониторинг

Секоја хидролошка служба има основна мрежа на хидролошки станици за подземни води со чија помош се следи нивото на подземните води од првиот аквифер во одредени сливни подрачја, алувијални рамнини или водни тела. Во моментов од 115 станици за подземни води (Слика 1), следниот број:

    • 38 станици функционираат со набљудувач
    • Лимниграфи – нема
    • Автоматски онлајн инструменти – нема
Мрежа на станици на подземни води
Слика 1.- Мрежа на станици на подземни води

Моментално во Република Македонија нивото на подземните води се следи во реоните: полошки, скопски, кочански, овчеполски, пелагониски, струмички, струшки. За нормално функционирање на државниот мониторинг на подземните води потребно е дополнително ангажирање за обезбедување нови пиезометри и тоа во следниве региони: дојрански, охридски, преспански, струмички, кочански, овчеполски, беровски, делчевски, кумановски, кривопаланечки, скопски, полошки, кичевски, демирхисарски, дебарски, демиркаписки, гевгелиски, кавадаречки, пробиштипски.

Со помош на овие информации заинтерсираните страни можат да дознаат на кое ниво во одредено подрачје би можело да очекуваат да наидат на подземна вода. Во ситуација кога некој сака да користи подземна вода за наводнување или водоснабдување би можел да ги планира своите активности, но и да ги димензионира своите пумпи за црпење подземна вода. Од друга страна, ако некој сака да гради во одредена област, би можел да се информира на кое ниво би можела да дојде подземната вода, па на тој начин навремено би се информирал како да го заштити својот објект од дејство на подземната вода.
 

Мерења

При хидролошки мониторинг на подземни води, основни параметри кои се мерат се:

    • Ниво на подземна вода, слој на првиот аквифер
    • температура на водата Т (°C)

На хидролошките станици за подземни води се вршат секојдневни или периодични мерења. За таа намена се ангажираат набљудувачи, а на одредени места се поставуваат и автоматски инструменти. Основните активности на набљудувачите за подземни води е да на секој 5, 10, 15, 20, 25 и последниот ден во месецот извршат контрола на нивото на водата во пиезометарот, да ги забележат овие податоци и следниот месец по пошта да ги испраат до хидролошкиот сектор.

Овие податоци се проверуваат, анализираат и се складираат во хидролошката база на податоци.

Добрата поставеност на пиезометрите е многу важна за правилно одредување на подземните текови и количини. Потребно е ангажирање за обезбедување нови бушотини и тоа на целата територија на државата.

 

Одржување на пиезометри и станици на подземни води

Нормалното функционирање на станиците зависи од нивното редовно одржување.

Контролните мерења во рамки на хидролошката мрежа за подземни води се изведува два до три пати годишно или минимум еднаш. Ова е со цел да се изврши контрола на пиезометрите и да се провери точноста на измерените податоци од набљудувачите.

Во делот за подземните води, од особена важност е да се извршуваат редовни прочистувања на пиезометрите. Со повремени испумпувања на водата од пиезометарот се спречува негово запоставување, а со тоа се продолжува и неговиот работен век. Потребно е опремување со специјални теренски пумпи за испумпување и одржување на пиезометрите.

Нивото на подземните води не се менува толку брзо како нивото на површинските води, но сепак на одредени места има потреба од воведување на дигитални рекордери, а и автоматски онлајн инструменти за регуларен мониторинг.

Модернизацијата е неопходна. Опремувањето со автоматски онлајн инструменти секако е иднината на мониторингот на подземните води, а опремувањето на станиците со дигитални мерни рекордери ќе ја олесни работата и контролата на податоците, што ќе доведе до квалитетни и сигурни податоци. Со модернизација на мониторингот директно би се добиле нови податоци и информации и тоа достапни 24/7, 365 дена во годината. На овој начин би имале иннформации од терен и би можело да се алармира за одредени опасности предизвикани од висок водостој на подземните води.

Информацијата за нивото на подземната вода е од големо значење како за земјоделството, енергетиката, така и за градежништвото. За секој објект, особено во загрозени подрачја од подземни води, би било добро да се знае каков е режимот на движење на подземната вода која во одредена ситуација би можела да предизвика влијание на неговите темели или заштитни ѕидови на подземните простории.

Редовната контрола на подземната вода би дала насоки на влијанието на промените на температурата врз земјата и почвата, но и за првични информации за различни влијанија врз водните ресурси. Температурата на водата дава директна информација за евентуалните варијации на климата во регионот (актуелни климатски промени).

 

Сектор Хидрологија при УХМР