ЕУМЕТСАТ-Информативен Ден за Хидрометеоролошките Служби од Западен Балкан

На 13 и 14 Март Управата за хидрометеоролошки работи беше домаќин на Информативен ден на хидрометеоролошките служби од  Западен Балкан – ЕУМЕТСАТ, кој  се одржа во Hotel Stone Bridge-Скопје.

ЕУМЕТСАТ е меѓувладина организација, основана во 1986 година со цел да обезбеди сателитски податоци, слики и производи поврзани со климата, 24 часа на ден, 365 дена во годината-до националните метеоролошки служби за корисници ширум светот.

Република Северна Македонија не е членка, но преку Управата за хидрометеоролошки работи како Национална служба, има лиценца за користење на сателитски податоци од ЕУМЕТСАТ.

Целта беше да се прикажат идните чекори и третата генерација на сателити MTG која ќе биде оперативна во наредниот период за надградување на капацитетите на хидрометеоролошките служби во регионот. Учесниците покажаа задоволство од моментално оперативната втора генерација на сателити.

На конференцијата присуствуваа директори на хидрометеоролошките служби од Словачка, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Република Српска, Косово, како и претставници од ЕУМЕТСАТ и СМО.

Г-динот Љупчо Николовски, Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство го отвори настанот и изјави: „ Редовното информирање и системите за рано предупредување се од особено значење во низата мерки кои можеме да ги примениме за намалување на ранливоста на земјоделството од неповолните временски услови и климатските промени. Како нацио­нален провајдер на информации за времето, водите и кл­имата, Управата за хидрометеоролошки работи има клучна улога во асисти­ра­ње на Владата, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и останатите надлежни институции во миними­зирање на неповолните временски и хидролошки влија­нија. За успешно справување со ризиците, неопходно е инвестирање во последните и нај­напредни техничко-техно­лош­ки остварувања и осовременување на институцијата. Токму затоа, со особено задоволство ги очекуваме презентациите за најновите активности на ЕУМЕТСАТ и можностите тие да се применат во оперативната работа на Управата за хидрометеоролошки работи.„

Г-динот Зоран Шапуриќ, Министер без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициска клима за домашните претпријатија и изјави: „Би сакал да ја поздравам и честитам соработката помеѓу УХМР и ЕУМЕТСАТ, чија мисија е обезбедување на сателитски мерења и продукти, предупредувања и анализи на времето, водите и климата, со цел да се одговори на потребата за заштита на луѓето и материјалните добра, да се унапреди националната економија и да се адоволат растечките потреби од информации за природната околина.„

Г-динот Ивица Тодоровски, Директор на УХМР изјави дека: „Управата за хидрометеоролошки работи во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија, како  домаќини на овој настан ја потврдуваат својата заложба за понатамошно унапредување на оперативна работа на Управата, овој пат со можноста за примена на најсовремени сателитски мерења и продукти кои ЕУМЕТСАТ ќе ги презентира деновиве. Посебно топло добредојде им посакувам на претставниците од Светската метеоролошка организација и колегите Директори и претставници од националните хидрометеоролошки служби од регионот со кои имаме традиционална соработка и подршка од канцеларијата на Регионалната асоцијација за Европа на Светската метеоролошка организација.„

Г-динот Ливио Мастроди,  ЕУМЕТСАТ Директор за оперативни и кориснички услуги изјави: „Во годините што доаѓаат потребно е да се подготвиме за користење на наредната генерација на Метеосат сателитите: Метеосат Трета Генерација (MTG), која од 2022година ќе обезбеди многу повеќе  метеоролошки набљудувања од вселената. Тие ќе имаат значително влијание врз временската прогноза. Соработката меѓу EUMETSAT и хидрометеоролошките служби на земјите од Западен Балкан, која е добро воспоставена од 2009 година, ќе ни овозможи навремено и ефикасно да се подготвиме за оваа новата генерација, а во меѓувреме ќе се продолжи со користење на податоците достапни од 11 сателити, кои оперативно во моментов работат.„

 

 

Leave a reply


This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.