Работилница: „Јакнење на капацитетите на агрометеоролошкиот сектор како одговор на климатските промени“ 26.09.2018 Градско

Екстремните временски појави претставуваат сериозна опасност за земјоделството и руралната економија, поради што македонската Влада ја препознава важноста на редовното информирање и системите за рано предупредување за заштита на земјоделството од климатските промени.

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) на 26ти септември 2018 во Градско организираа работилница со цел да се претстават достигнувањата на проектот и да ги идентификуваат идните потреби за зајакнување на агрометеоролошкиот сектор

Во проектот со цел намалувањето на ранливоста на земјоделството од климатските промени, имплементиран меѓу 2016 и 2018 година, ФАО даде поддршка на УХМР за создавање и дистрибуција на климатски и агрометеоролошки податоци значајни за земјоделското производство.

Нефрус Челику, државен секретар во МЗШВ, рече дека климатските промени се комплексно и глобално прашање кое предизвикува големо внимание и загриженост во светски рамки. Според него земјоделството е еден од најранливите сектори во економијата во Република Македонија на климатските промени, при што се загрозени главните земјодеслки региони и стратешките земјоделски култури. Во последните години, како што додаде, има зачестени временски непогоди кои предизвикаа огромни штети во земјоделството. Загубите се десетици милиони евра. Голем ризик од климатските промени е и појавата на голем број болести и штетници.

Задоволство од реализираната проектна компонента „Јакнење на капацитетите на агрометеоролошкиот сектор како одговор на климатските промени“, кои УХМР го спроведе со финансиска и техничка помош од ФАО изрази Ивица Тодоровски, Директор на УХМР.

„Сите сме свесни дека негативните ефекти од климатските промени се сериозна опасност за земјоделскотот производство и оттука редовното информирање и системите за рано предупредување се од особено значење во низата мерки што може да ги примениме, за намалување на влијанието од климатските промени“, рече Тодоровски.

Благодарност за соработката и задоволство од неа изрази и Ана Херо, претставник на ФАО. Таа нагласи дека таа соработка ќе продолжи и со други активности од оваа област.

Во рамките на проектот за намалување на негативното влијание од климатските промени, подржан од ФАО инсталирани се три нови автоматски метеоролошки станици во Градско, Кочани и Струмица – региони кои се карактеризираат со интензивно производство на грозје, ориз и градинарски култури.

Сите податоци се достапни на новоформираната веб страница agrometeo.mk , како и  на веб страната на Управата www.uhmr.gov.mk. Страницата нуди историски податоци за климата, агрометеоролошки аларми, како и фенолошко набљудување и предвидувања кои на земјоделците можат да им помогнат во справување со појавата на штетници како резултат на климатските промени. Во пилот регионите, навременото и точното информирање има за цел да им помогне на земјоделците да имплементираат соодветни агротехнички мерки, едновремено зачувувајќи ја природната средина.

На денешната работилница, која заврши со теренска посета на мерната станица во Градско и винаријата Стоби, учесниците разговараа за можноста за натамошно унапредување на агрометеоролошките податоци според потребите на корисниците и проширување на нивната достапност за земјоделците.

Leave a reply


This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.