23 МАРТ – СВЕТСКИ ДЕН НА МЕТЕОРОЛОГИЈАТА ВО ФОКУСОТ – ОКЕАНИ, КЛИМА И ВРЕМЕНСКИ УСЛОВИ

Скопје, 23 март 2021 година,

Почитувани,
Ве поканувам заеднички да го обележиме 23 Март Светскиот ден на метеорологијата со цел потенцирање на важноста и подигнување на свесноста за придобивките од истата во областа на безбедноста и благосостојбата на сите жители на оваа наша планета. Оваа година одбележувањето на светско ниво се реализира под мотото океан, клима и временски услови што секако значи интегративен пристап при делувањето.

Едно од најголемите влијанија на климатските промени е врз водата, што пак влијае на одржливиот развој и безбедноста. Имајќи го во предвид фактот дека 2021 е стартна година од декадата за океанска наука за одржлив развој (2021-2030), Светскиот ден на водата и Светскиот ден на метеорологијата оваа година се посветени на океаните, климата и временските услови. Океаните се генератори на огромни процеси кои се суштински за временските услови и климата. Затоа мора да се респектира нивното влијание.

И бидејќи океаните со својата површина имаат огромно влијание врз временските услови и климатските промени на светско ниво а истовремено се носители на динамиката на бизнисот овозможувајќи го процесот на глобализација тие карактеристики се’ повеќе од доволни за ставање на океаните во фокусот на светските хидролошки и метеоролошки служби со цел добивање на точни, прецизни, навремени и убедливи податоци кои ќе придонесат за согледување на влијанието врз атмосферата а со тоа и врз безбедноста и благосостојбата.

Светскиот ден на метеорологијата ја нагласува и инкременталната улога на Управата за Хидрометеоролошки работи на РСМ и придонесот кој истата го дава за безбедноста и благосостојбата на нашето општество но воедно допринесува за безбедноста и благосостојбата на регионално и светско ниво преку следење и споделување на податоците кои се генерираат во текот на непрекината работа на нашата институција.
Ефективното и ефикасно управување со водата, климата и временските услови е неопходност за континуирано и навремено следење и рано предупредување за поплави и суши со што директно се влијае врз реализација на планот за одржлив развој.
УХМР, како специјализирана институција на РСМ за вода, клима и временски услови се стреми да ја потенцира реципрочната врска помеѓу водата, климата и временските услови овозможувајќи го на тој начин цикличниот систем за намалување на отпадот, искористувањето на обновливите извори на енергија, употреба на продукти кои не го загрозуваат здравјето на луѓето и околината, енергетската ефикасност и грижата за луѓето. Односно УХМР преку сеопфатност превенира нарушување на стабилноста во сите овие области на делување.

Се надевам дека со заеднички сили ќе овозможиме натамошен раст и развој и остварување на поставените цели како на локално така и на регионално и светско ниво.

Ви благодарам на одвоеното време и вниманието.

Со почит,

УХМР

Директор

Костадин Ацевски

Leave a reply


This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.