Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) и Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), претставувани од директорот Игор Лазаровски и Марија Ристеска, потпишаа Меморандум за соработка во рамките на проектот BEALERT, финансиран од Европската Унија.
Целта на оваа соработка е зајакнување на климатската отпорност, унапредување на системите за рано предупредување и зголемување на безбедноста на населението од екстремни временски појави и ризици поврзани со климатските промени.
Клучен сегмент на партнерството е поставувањето и одржувањето на хидролошки и метеоролошки станици, чии податоци ќе придонесат за развој на современ систем за рано предупредување базиран на вештачка интелигенција (AI), со цел обезбедување попрецизни, навремени и веродостојни информации.
Преку интеграција на научните сознанија, современите технологии, институционалната соработка и активното вклучување на локалните заедници, проектот BEALERT ќе придонесе за подобра подготвеност, намалување на ризиците од природни непогоди и заштита на човечките животи, материјалните добра и животната средина.
Со ова партнерство, УХМР ја продолжува својата посветеност кон модернизација на хидрометеоролошкиот мониторинг, примена на иновативни технологии и унапредување на услугите од јавен интерес.
Подобра подготвеност денес – побезбедни и поотпорни заедници утре.
