Телефон: +389 2 3097-105
Е-пошта: uhmr@meteo.gov.mk

Алатка:
Отчетност за трошоци

На 23 Март во Управата за хидрометеоролошки работи се одбележа Светскиот метеоролошки ден и Светскиот ден на водите – 22 Март

На 23 Март во Управата за хидрометеоролошки работи се одбележа Светскиот метеоролошки ден и Светскиот ден на водите – 22 Март.
Хидрометеоролошката дејност во Македонија има долга традиција, подолг период на професионална работа и развој, што заслужува искрено почитување. Управата е стратешки важна институција која обезбедува податоци и услуги од суштинско значење за безбедноста, економијата и општеството. Таа е темел за донесување вистински одлуки и за градење отпорност кон климатските промени и природните катастрофи.
Функционален мониторинг на времето, климата и водите, рана најава на неповолните временски појави и издавање навремени, прецизни и доверливи прогнози се основна дејност на Управата, секако во согласност со препораките и стандардите на СВЕТСКАТА МЕТЕОРОЛОШКА ОРГАНИЗАЦИЈА.
Во време на сè почести и интензивни суши, топлотни бранови, бури и поплави, сигурните метеоролошки и хидролошки податоци директно придонесуваат за заштита на граѓаните и стабилно функционирање на системите за транспорт, енергетика, земјоделство, управување со водите и цивилна заштита. Ваквите информации овозможуваат навремено дејствување и значително намалување на ризиците и штетите врз луѓето, имотот и инфраструктурата.
УХМР во изминатите 18 месеци постигна значајни резултати. Значително ги унапредивме нашите технички и оперативни капацитети преку грант во вредност од над 1.150.000 евра во опрема и софтвери. Со поддршка од Швајцарската влада и УНДП во употреба е нов современ синоптички центар за рана најава на неповолните временски појави и нова сервер соба, што претставува основа за сигурно, брзо и ефикасно управување со податоците. Во областа на водите, преку ИПА и „Програмата за управување, користење и заштита на подземните води“, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка, дополнително ги унапредивме лабораториските капацитети. Реновирани се простории и реализирани се значајни инфраструктурни зафати, со цел да обезбедиме услови за поголема ефикасност и прецизност во работењето. Во текот на 2025 година, преку два проекта значително се зајакна способноста на УХМР за мониторинг и анализа на квалитетот на водите. Беше набавена и ставена во употреба современа лабораториска опрема, вклучувајќи напредни аналитички системи дополнителна лабораториска и теренска опрема и возила. Паралелно, преку Програмата за поддршка за рурален развој на МЗШВ, во вредност од 17 милиони денари, беа реализирани активности за реновирање и модернизација на Главните метеоролошки станици во Прилеп, Битола, Штип и Охрид, како и објектите на радарските центри во Тополчани и Ѓуриште. Радарот во Ѓуриште беше дигитализиран и дополнително заштитен, а извршена е и миграција и заштита на податоците на нова серверска инфраструктура.
Дополнително, оваа година, со поддршка од Владата, УХМР ќе започне целосна реконструкција и енергетска обнова на својата зграда – за првпат по 52 години од нејзината изградба. Со тоа ќе се намалат трошоците, ќе се подобри функционалноста, ќе се намали негативното влијание врз животната средина и ќе се подобрат условите за работа.
Во време на сè поизразени климатски промени, нашата одговорност како институција е поголема од кога било. Затоа, УХМР останува посветена на модернизација, дигитализација и развој на современи услуги кои ќе обезбедат навремени и точни информации за сите. Ќе продолжиме да работиме со истата посветеност, во соработка со Владата, меѓународните партнери и сите релевантни чинители, со цел да изградиме поотпорно и побезбедно општество.
Претходно Управата за хидрометеоролошки работи ја зајакнува националната мрежа за мониторинг на водите

Адреса

ул. Скупи бр. 28, 1000 Скопје, Република С. Македонија

+389 2 3097 105
uhmr@meteo.gov.mk

Метеорологија

Хидрологија

Квалитет на води

2021 © УХМР. Сите права задржани.