8/07/2025
Модернизација на хидролошката станица Велес на р.Вардар – јули 2025
Со цел подобрување на хидролошкиот мониторинг во државата, УХМР во соработка со Геолукс од Хрватска (https://www.geolux-radars.com), има набавено најсофистицирана опрема за вршење на хидрометриски мерења, при што како краен продукт се добиваат вредности за водостојот на р.Вардар и неговиот протек. Станицата е инсталирана на 8 јули оваа година на Хидролошката Станица Велес на р.Вардар, лоцирана на Стар Мост (Слика) во Велес и во наредниот период ќе се вршат тестови и проверки пред официјалниот почеток на работа. Сепак во интерес јавноста да се запознае со овој нов инструмент, на веб страната на УХМР ќе бидат објавувани податоци кои најавуваме дека се во фаза на тестирање и дека треба да се земат со одредена резерва.
Податоците од оваа станица ќе се користат за рано предупредување во случај на појава на поплави и за следење на поплавни бранови.
Пред инсталирање на опремата, УХМР организираше хидрометриски мерења со ADCP (Слика), инструмент за дефинирање на протекот на водата, при што беа добиени основни податоци и карактеристики за сетирање на инструментот во фабриката во Хрватска, а потоа и за финални подесувања како во канцеларија така и на терен.
По извршените подесувања, инструментот е испратен во Македонија, направени се финални подготовки, и по пристигнувањето на екипата од Геолукс, се пристапи кон инсталирање на опремата на мостот и пуштање во работа (Слики).
Инструментот е снабден со два радари и тоа за ниво на вода и за детекција на брзината на движење на водата. Дополнително има и камера за визуелно набљудување на водомерната летва и ситуацијата со реката. Во наредниот период ќе бидат извршени финалните подесувања, така да во иднина се очекува податоците од станицата да бидат преку веб страна на УХМР достапни до јавноста и менаџментот за кризи за навремено справување со опасните поплави. […]

