
Од 29 до 31 октомври во Светската метеоролошка организација (WMO.int) – дел од Обединетите Нации, со седиште во Женева, се одржа работилница за подобрување на метеорологијата и хидрологијата. На овој настан Управата за хидрометреолошки работи беше претставувана од директорот Игор Лазаровски во својство на постојан претставник на државата во Светска метеоролошка организација.
Бидејќи времето, климата и циклусот на водата не познаваат национални граници, меѓународната соработка на глобално ниво е од суштинско значење за да се имплементира пристапот на системот за развој на метеорологијата, климатологијата, оперативната хидрологија и поврзаните еколошки услуги, како и да се искористат придобивките од нивните апликација. СМО обезбедува рамка за таква меѓународна соработка. Во овие времиња на екстремни катастрофи поврзани со временски непогоди, многу е важна размената на искуства и комуникацијата на експерти од сите светски институции чија работа е поврзана со метеорологија и хидрологија, со цел зајакнување на меѓународните напори за подобро предвидување на временските непогоди.
На работилницата беа претставени најновите светски достигнувања во областа на метерологијата и хидрологијата како и најдобрите методи за прогнозирање на времето. Учесниците добија многу нови сознанија за градење и подобување на комуникацијата и мобилизирање на сите светските ресурси за подобар и посилен систем за рана превенција од временски непогоди, бидејќи климата е една од најважните и најкритичните предизвици на денешнината и е наша колективна одговорност да им служиме на граѓаните.